Новите струки за дуално образование кои од наредната учебна година ќе бидат отворени во средните училишта во Кочани го привлекоа вниманието и кај идните средношколци и кај компаниите.

Ова го соопшти министерката за образование Мила Царовска при посетата на првиот „Отворен ден за новите средношколци“ во Кочани што во рамките на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ заеднички го организираа училиштата и компаниите кои ќе бидат вклучени во новиот концепт за дуално образование.

– Според сите приоритети што ги утврдивме заеднички со општините, училиштата и со компаниите, подготвивме конкурс за запишување во средното образование што ја отсликува реалната потреба за струките, но и за гимназиските паралелки. Со тоа отворивме можност средното стручно образование да почне да го враќа својот сјај и да може да се презентира на еден јасен и едноставен начин. Интересот на учениците е одличен, тие можат да слушнат што се нуди за да ја изберат својата иднина преку образование коешто е соодветно за нив. Би апелирала сите ученици да се запишат во средно образование согласно своите интереси и афинитети, но значајно е секогаш, самостојно или со родителите, да ги разгледаат можностите што се нудат за вработување и просперитет во оваа држава – истакна министерката Царовска.

Таа нагласи дека за да се поттикне интересот и за да се насочат учениците, Министерството за образование и наука и Владата, за сите дуални паралелки и за тригодишното образование нудат стипендии од три и пол илјади денари за девет месеци, односно во периодот на школување. Причина за тоа е што практичната настава што ќе се случува во дуалното образование во компаниите е поинтензивна и учениците од овие паралелки треба да добијат дополнителна стимулација.

Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев изрази задоволство од интересот на учениците за дуалното образование и истакна дека Општина Кочани постојано ќе дава поддршка за образовните концепти што нудат можности за економски развој на целата заедница.

– Сакам да се заблагодарам на приватните стопанственици од општина Кочани, како и на наставниците и учениците коишто завршуваат основно образование заинтересирани за овој настан, на кој можат да се запознаат со предностите што ги нуди овој нов концепт на образование. Компаниите што се овде потврдуваат дека ова е вистинскиот начин на создавање кадри потребни за стопанството. Овој модел на образование овозможува да се обезбеди пристап до добро платени работни места, а на компаниите ќе им овозможи да имаат стручна и квалитетна работна сила што ќе произведува квалитетен продукт за изострените пазари – изјави градоначалникот Илијев.

Во Гимназијата „Љупчо Сантов“ во Кочани, освен постојната гимназиска, економско-правна и трговска струка, идните средношколци ќе можат да се запишат и во профилите за бизнис-администратор и хемиско-лаборантски техничар. Во СОУ „Гошо Викентиев“ дуално образование ќе има за профилите електротехничар за електроника и телекомуникации, електротехничар енергетичар и техничар за производно машинство.