Центарот за култура „Бели мугри“ со изложба под наслов „Урбани пејзажи“ на кочанската јавност ѝ ја претстави уметницата Нада Ѕмбова Донева, професорка по биологија во ОУ „Свети Кирил и Методиј“.
Дваесетината дела работени во техниката акрилик на платно, се мотиви од урбаната средина претставени во колорит и форми инспирирани од доживувањата на погледите од различни локации и височини во Кочани и во Скопје.
Според Јулијана Иванова, рецензентка на изложбата, фасцинацијата од урбаниот простор ја носи авторката кон експериментирање, со апстрактен јазик на гестикулации и слоевити линии – крајниот резултат е нова естетика како израз на авторската размисла и имагинарност.
– Уметноста и творештвото, науката и биологијата се нераскинливо сврзани. Тоа што уметноста ги соединува човекот и природата е познат факт. Уметноста, исто така, ги прави луѓето свесни за нивната унија еден со друг во потеклото и судбината. Животот е уметност, уметноста е живот – вели Ѕмбова Донева за врската меѓу нејзината професија и сликањето.
Изложбата „Урбани пејзажи“ ја отвори директорката на Центарот за култура „Бели мугри“, м-р Александра Димитрова.
Првата самостојна изложба на Нада Ѕмбова Донева е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија.