По повод големиот национален празник Илинден, в. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски, со членови од Советот на Општината и делегации од Сојузот на Здружението на борците од НОВ и од локални ограноци на политички партии положија свежо цвеќе на Споменикот на слободата, споменикот на Никола Карев и на бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче во Паркот на Револуцијата.

Во честитката што ја упатува Крстевски по повод Илинден, вели:

– Во име на Општина Кочани и во својство на вршител на должноста градоначалник, упатувам искрени честитки по повод големиот национален празник Илинден – симболот на вековната борба за слобода, правда и достоинство.

Илинден ја обединува храброста и визијата на нашите предци од две етапи на македонската историја – 1903 и 1944 – предци кои се бореа и се изборија за идеалот на слободна Македонија. Денес, таа историја ни дава сила да продолжиме да ја градиме нашата заедница со почит, одговорност и единство.

Оваа година го одбележуваме Илинден со тага во срцето, сеќавајќи се на трагичните настани од 16 март, кои длабоко нè потресоа и засекогаш нè променија. Во спомен на загинатите, да останеме сплотени и да продолжиме да создаваме општество на солидарност, човечност и надеж.

Нека Илинден ни биде потсетник на минатото, но и поттик за заедничка иднина исполнета со достоинство и почит.