Членовите на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата одржаа состанок на кој ја разгледаа Програмата за работа за претстојната година.

Како советодавно тело коешто помага за подобрување на безбедносната состојба во сообраќајот на подрачјето на општина Кочани, Општинскиот совет предлага континуирани програмски активности  за унапредување на  сообраќајната култура  и образование на децата, но и на останатите учесници во сообраќајот. Планирани се едукативни предавања на теми со кои се истакнуваат опасностите што го загрозуваат животот и здравјето при управување со моторно возило, како што се алкохолот, дрогата, употребата на мобилните телефони и несоодветната брзина при возењето. Се планира активностите да се спроведат во соработка со граѓански здруженија и со Локалната самоуправа.

На работната средба присуствуваше и градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов кој ја истакна подготвеноста за соработка со Општинскиот совет и пронаоѓањето форми и содржини што ќе дадат подобри ефекти во поглед на безбедноста во сообраќајот во општина Кочани.

Заради подобрување на протокот на возилата во делови од градот, членови на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, според постојна проектна документација изнесоа првични предлози за измена на режим на сообраќајот, на два потега во градот, за што во наредниот период ќе се прават истражувања со вклучување на сите засегнати страни.

Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот упати апел до возачите на моторни возила, во периодот до 15 март задолжително да носат зимска опрема и според временските услови да се прилагодуваат на условите за сообраќај.