Од четврток, 21 мај 2020 г., Градскиот пазар во Кочани се отвора за продажба на текстил и стока за широка потрошувачка. За да се почитуваат мерките за спречување на ширење на коронавирусот, продажбата ќе се одвива со поинаков распоред од досегашниот. Забрането е поставувањето тезги на улицата „Гоце Делчев“. Службите од Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ за оваа намена го подготвуваат просторот спроти Пешачко-трговскиот мост, откај улицата „Борис Трајковски“. Во организирањето на новиот распоред и спроведувањето на мерките за заштита од КОВИД-19 ќе учествуваат Полицијата, општинските комунални инспектори и редари, Територијалната противпожарна единица, а поддршка ќе дадат и волонтерите од Црвениот крст, кои ќе делат маски и на продавачите и на купувачите. Закупците на тезги ќе можат да обезбедат место по принципот „прв дојден – прв услужен“, а на тезгите ќе мора да имаат и средство за дезинфекција.
Ова е само еден од заклучоците што го донесе Општинскиот кризен штаб на седницата, на која се разгледуваше и актуелната состојба со болеста во Кочанско, како и почитувањето на мерките и препораките и нивното спроведување.
Според директорот на Центарот за јавно здравје Гоце Серафимов, досега се анализирани 360 брисеви, регистриран е 31 случај, а во моментот се активни само четири лица. Серафимов најави дека наскоро ќе почне скринингот на 340 вработени во Детската градинка „Павлина Велјанова“.
– Засега ситуацијата е задоволителна, но не треба да заборавиме дека заразата сѐ уште постои. Затоа мора да ги почитуваме мерките за носење маски, за држење прописно растојание и за одржување на хигиената. Забележително е дека многумина не се однесуваат совесно во однос на примената на овие мерки. Се користат и детските игралишта, кои сѐ уште, официјално не се пуштени во употреба. Мора да нагласам дека тоа родителите го прават на сопствен ризик и дека ги кршат здравствените препораки, што е казниво – рече градоначалникот Николчо Илијев, повикувајќи на доследно и одговорно однесување кон сопственото и јавното здравје.
На оваа седница, единствен беше впечатокот дека овој Кризен штаб досега успеа со сите преземани мерки континуинирано да се справува со здравствената криза.