Црвениот крст – Кочани се пресели во нови простории. Во центарот на градот, кај Градскиот плоштад, на улицата „Тошо Арсов“ бр. 1, кочанскиот Црвен крст обезбеди сопствен простор за работа, со површина од 130 метри квадратни.
На свеченоста по повод отворањето присуствуваше генералниот секретар на Црвен крст на Република Северна Македонија Саит Саити, секретарот на Општина Кочани Драган Ананиев, градоначалници од регионов, соработници, волонтери и вработени лица во Црвен крст.
Новите работни простории за Општинската организација на Црвен крст се одговор на потребата од обезбедување услови за различни хуманитарни услуги за потребите на заедницата. Просториите на старата локација на улицата „Доктор Николиќ“, каде што општинската организација работеше близу четири децении, ќе служат за реализација на крводарителски акции.
Новиот работен простор е обезбеден со поддршка од Централната канцеларија на Црвен крст и општинските организации на Црвен крст, како и со поддршка од локалната заедница.
Црвената лента, како чин на официјално отворање, ја пресекоа генералниот секретар Саит Саити, претседателот и секретарот на Општинската организација на Црвен крст – Кочани Дејанчо Арсов и Анета Коцева.