– Анализите за потрошувачката на електрична енергија на Општина Кочани по примената на моментно најдобрата достапна технологија за осветлување во светот – ЛЕД-технологијата и излегувањето на слободниот пазар на електрична енергија, покажуваат висока заштеда во енергија и намалени трошоци, соопшти градоначалникот Ратко Димитровски на прес-конференција.

Според Димитровски, со модернизацијата на системот за улично осветлување, во ноември и декември 2016 и во јануари 2017 година, потрошувачката на електрична енергија е намалена за 60 проценти. Тој објасни дека модернизацијата на системот за улично осветлување се изврши со договорите со Фабриката за светилки „Минел Шредер“ од јуни 2015 и од август 2016 година во вредност од 61,5 милиони денари. Договорот е склучен со одложено плаќање на 36 еднакви месечни рати, без аванс, без камата и без специјални гаранции и не се третира како кредит. Притоа се заменети приближно 4 илјади живини со ЛЕД-светилки во градот и во сите населени места во општина Кочани и се поставени над 300 нови светилки на недоволно осветлени места, така што осветленоста е зголемена за 50 %. Исто така е направен ГИС-систем на секоја светилка во градот, којшто е достапен на веб-страницата на Општина Кочани.

Градоначалникот Димитровски соопшти дека Општина Кочани ги намали трошоците за струја за 76 проценти откако од октомври 2016 година излезе на слободниот пазар на електрична енергија и по пат на јавна набавка избра нов снабдувач на електрична енергија – ЕДС.

– Ова е илустрација за домаќинското работење на Општина Кочани. Очекуваме заштедата во електрична енергија и собраната комунална такса за улично осветлување во целост да ја покријат инвестицијата во модерното улично осветлување и веќе во 2019 година целата заштеда да биде на сметката на Општина Кочани. Со тие средства системот за улично осветлување може дополнително да се унапредува со опфат на останатите населени места во општината, со проширување, воведување на телеменаџмент, „паметен град“ и слично – додаде Димитровски.