Деновиве, Општина Кочани ја подмири ратата во висина од 5,3 милиони денари од кредитите на МСИП 1 и МСИП 2. Редовната исплата на кредитите и севкупното сервисирање на долговите ја дефинираат Општина Кочани како финансиски стабилна и кредитоспособна, a од доаѓањето на новата локална власт досега, само по основ на кредити се исплатени 15,8 милиони денари.
Дисциплинираното и рационално работење со буџетските средства во изминатиот период дозволува Општина Кочани да бара начини за побрзо и комплексно решавање на инфраструктурните проекти со приоритетно значење за жителите на градот и на населените места.
Во таа насока, веќе е искористена можноста за аплицирање по повиците за заемање од Светска банка и Министерството за финансии, МСИП 2.
Стручните служби изготвија листа на проекти за кои е побарано да се добијат средства со заемање за довршување на улиците „Петар Синадинов“, „Скопска“, „Стефка Тасева“, „555“ и „Скоевска“ – во населбата Прокарка; асфалтирање на кракот 1 исток од улицата „Искра“ во Усова Чешма; на улицата „560“ во Лесна индустрија, „Кирил и Методиј“; за улиците „Маршал Тито“ крак 1 и дел од „Борис Ефтимов“ во селото Тркање, како и за два крака од улицата „Раде Кратовче“ и дел од „АСНОМ“ во Оризари.
Според пресметките, за таа цел ќе бидат потребни 43,9 милиони денари, од кои за 27 милиони денари Општина Кочани бара поволен заем, а останатите околу 17 милиони денари се средства од општинскиот буџет. Одговорот за аплицираното заемање ќе дојде во наредниот период по детални анализи.