Советот на Општина Кочани ја одржа 64. и последна седница во актуелниот состав. На дневен ред беше Извештајот за извршувањето на Буџетот за третиот квартал од 2021 година.
Според податоците на стручните служби, вкупниот основен буџет има извршување од 191 милион денари или 56 %, што споредено со ланскиот трет квартал е зголемен за 58 милиони денари или 44 %. Во однос на претходниот квартал, капиталните приходи се зголемени за 7.176.000 денари или 122 % повеќе од лани. Поради распишаните Локални избори, кај капиталните приходи од продажба на државно градежно земјиште, 7 милиони чекаат да влезат на општинската сметка. Во споредба со лани, секоја приходна стапка бележи зголемување.
– Ова е најдобра реализација на квартален извештај воопшто и во делот на приходи и во делот на расходи. Кај капиталните расходи, од планираните 212.930.000 денари, реализацијата е 104 милиони или 49 %, а споредено со истиот период од минатата година е со зголемување од 43 милиони – соопшти Дејан Рашков, раководител на Секторот за финансии во Општина Кочани.
Од планираните 127.931.000 денари даночни приходи се реализирани близу 75 милиони денари или 58 %, 19 милиони денари повеќе од лани. Данокот на доход е со реализација од 65 проценти; данокот на имот има реализација од 30 милиони денари или 88 % и зголемување на приходот од 60 % во однос на минатата година. Даноците на специфични услуги се реализирани со 45 %, а неданочните со 79 %. Трансферите се со реализација од 59 %, или 31 % повеќе од лани.
Салдото на сметка на основниот буџет на Општина Кочани е 24.328.000 денари.
Со оваа седница, завршува мандатот на Советот на Општина Кочани кој беше конституиран на 2 ноември 2017 година.