Општина  Кочани го распиша конкурсот за доделување 30 стипендии за студенти од јавните високообразовни установи во Република Северна Македонија за студиската 2021/2022 година.

Од триесетте, најмногу пет ќе бидат наменети за студенти од ромската етничка заедница, десет за студенти од социјално загрозени семејства, најмногу пет стипендии за студенти запишани на факултети за медицински науки, а останатите стипендии за студенти кои постигнале висок успех во студирањето.

Според условите на конкурсот, доколку не се пријават студенти од ромската етничка заедница и студенти запишани на факултети за медицински науки, или пак нивните пријави Комисијата ги оцени како неприфатливи, бројот на стипендии распределен за овие категории студенти, може да се додели на студенти од социјално загрозени семејства пријавени по јавниот конкурс кои ги исполнуваат условите за доделување стипендија, а според редоследот на рангирање по бодови согласно изготвената ранг-листа.

Право на стипендија, чиј месечен износ е 3.000 денари, имаат редовните студенти кои не повторувале година во текот на студирањето и не се корисници на стипендија или на кредит од  други институции  или компании.

Од критериумите за доделување стипендии, успехот и материјалниот статус носат вредност според категоријата, а во сите категории пет бода добиваат децата на самохрани родители и студенти со посебни потреби. Приоритет за добивање стипендија имаат децата кои до полнолетството престојувале во домови за згрижување во Република Северна Македонија. Студентите на Технолошки факултет, Ветерина, Хемија, Биологија и на Текстилно инженерство ќе добијат пет поени плус, бидејќи нивните струки се утврдени за дефицитарни.

Пријавата и потребните документи се поднесуваат до Едношалтерската канцеларија на  Општина  Кочани или по пошта на адреса: Општина  Кочани, ул. „Раде  Кратовче“ бр. 1, Кочани, најдоцна до 29 ноември до 15:30 ч.

Условите и критериумите за доделување на стипендиите, како и начинот за пријавување се објавени на веб-страницата на Општина Кочани и на огласната табла пред  општинската зграда.