21.03.2018 god.

Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев распиша конкурс за доделување стипендиja на спортист-спортска надеж на општина Кочани за остварени спортски резултати и достигнувања во 2017 година.

Право на стипендија имаат жителите на општина Кочани на возраст од 17 до 20 години, членови на спортски клуб, друштво или асоцијација регистрирана во Агенцијата за млади и спорт со решение за вршење дејност спорт. Исто така кандидатите треба да се членови на национални спортски федерации, спортисти во индивидуални и во екипни спортови врз основа на остварени спортски резултати, учесници на национални или на меѓународни систем натпревари во борење, велосипедизам, гимнастика, карате, кошарка, скијање, тенис, триатлон, фудбал и во шах.

Месечниот износ на стипендијата е 3 илјади денари, а ќе се доделува шест месеци, од април до септември 2018 година. Средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Кочани за 2018 година.

Рокот за поднесување на потребната документација е до 28 март, до 18 ч., преку Едношалтерската канцеларија. Постапката за доделување стипендија на спортист-спортска надеж е уредена со Правилник, а ја спроведува комисија формирана од Градоначалникот.