Општинскиот кризен штаб – Кочани ја анализираше подготвеноста за претстојниот викенд, во кој поради епидемијата од КОВИД-19, забраната за движење за сите граѓани ќе трае 24 часа, од 16 часот во петок до 5 часот во понеделник.
– Подготвени сме со тимови за услуги на старите, изнемоштените и за лицата со хендикеп. Тоа се лица ангажирани со проектот за Општинско корисна работа, од Мобилниот сервис за домашна посета и Црвениот крст. Определивме претставници од месните заедници коишто ќе контактираат со лица од населените места, издадени се дозволи за правни субјекти за онлајн работа и достава на продукти од маркети, аптеки, достава на храна од ресторани и такси превоз – информираше градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, кој додаде дека такви дозволи се издаваат и за Општина Чешиново-Облешево.
Општинскиот кризен штаб констатираше дека граѓаните на Кочани досега доследно ги почитуваат мерки за ограничено движење. Сепак, според податоците на Одделението за внатрешни работи, во некои делови од градот, во последните десет дена е зголемен бројот на имотни деликти, поради што се преземаат мерки безбедносната состојба да се држи стабилна.
Кај матичните лекари од Кочани изминативе два дена се реализирани само 17 прегледи, што е уште еден доказ дека пациентите сериозно се придржуваат до препораките за заштита од коронавирусот.
Според податоците од Центарот за јавно здравје досега се направени 129 тестови за коронавирус, од кои 66 се негативни а за 44 се очекуваат резултати. Во Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци досега се евидентирани вкупно 19 лица заболени од КОВИД-19.
Градоначалникот Илијев потсети дека во овие моменти е најважно сите да бидат одговорни кон сопственото здравје. Апелираше граѓаните да ги почитуваат мерките и препораките, зашто само на тој начин можат да придонесат за зачувување и на јавното здравје.