Во периодот од јануари до септември Општина Кочани поднесе вкупно 23 апликации за проекти преку повеќе програми од различни области. Од нив осум се одобрени, седум се во тек на реализација, 14 се во процедура, а еден е одбиен.
До Програмата за прекугранична соработа, во партнерство со општина Разлог е поднесен проектот „Регулација на дел од кејот на Кочанска Река од местото викано Зебец до местото викано Бавчалук“, а во партнерство со училиште од с. Мусомиште е поднесен проект за реконструкција на дел од училишната зграда на ОУ „Св. Кирил и Методиј“.
За Општина Кочани од посебен интерес за реализација се и проектите за реконструкција на Мултикултурниот центар, апликација која е поднесена до Програмата за прекугранична соработка преку Центарот за развој на Источниот плански регион во партнерство со бугарската општина Гоце Делчев, како и проектот „Уредавање и опремување на просторот околу Споменикот на слободата“, каде партнер е Општина Рила.
До Министерството за труд и социјална политика се поднесени апликации за изградба на два капитални објекти – нова детска градинка во месноста Драчевик и за изградба на домот за стари лица.
Преку Проектот за локална и регионална конкурентност (Светска банка) е поднесен проектот „Планински велосипедски раj“, кој опфаќа изградба на пешачко-велосипедски патеки, реконструкција на планинарскиот дом и надградба на паркингот на Пониква, за што се бараат 489.000 евра. До Светска банка е поднесен и проект за реставрација и конзервација на Споменикот на Слободата, кој заедно со проектот за уредување на околината, би резултирал со комплетно уредена целина.
До Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се поднесени проекти за асфалтирање и реконструкција на улици во селата Долни Подлог, Мојанци, Тркање, Прибачево и Оризари; за поврзување на Оризари со Кочани (ул. „Енгелсова“ – прв дел) и поврзување на с. Гратче со Кочани; проект за изградба на пристапен пат до манастирот Добра Вода, како и за изградба на првиот дел од локалниот пат од Крушка до местото викано Ајдар. За реализација на сите овие проекти се потребни близу еден милион евра.
Во фаза на реализација се проектите за асфалтирање на локалниот пат од Крушка до Полаки од Бирото за регионален развој, Општинско корисна работа од УНДП, Реконструкција на Центарот за култура „Бели мугри“, преку Министерство за култура, на Ран детски развој (УНИЦЕФ), како и проектот Мобилен сервис за домашна посета.
Информацијата за аплицирани и реализирани проекти беше разгледана на 16. седница на Советот на Општина Кочани, за која членовите дадоа едногласна поддршка и повикаа и понатаму да се креираат и аплицираат што повеќе проекти и да се решаваат значајни потреби на Кочани.