Општина Кочани отуѓува седум парцели државно градежно земјиште од кои една со намена хотелски комплекс
Општина Кочани ја распиша 40. објава за отуѓување градежно земјиште во државна сопственост, со која се ставени на продажба седум градежни парцели, од кои шест со намена индивидуално домување и една парцела за хотелски комплекс.
Две од парцелите за индивидуално домување се наоѓаат на улицата „Пиринска“, а по една на улиците „Крум Вранински“, „Боро Ефремов“, „Кирил и Методиј“ и „Боро Ловџија“. Површините се движат од 173 до 438 м2.
Парцелата со намена хотелски комплекси се наоѓа на ул. „Лазар Андонов“ и е со површина од 12.058 м2.
Рокот за пријавување за учество во електронското јавно наддавање е до 23 јуни 2025 г., а јавното наддавање ќе се одржи на 25 јуни.
Почетната цена за градежните парцели за индивидуално домување е 61 денар за квадратен метар, а за хотелски комплекс – 583 денари за квадратен метар.
Целосната објава за продажба на градежно земјиште во државна сопственост е поставена на огласната табла во дворот на општинската зграда и е објавена на веб-страницата на Општина Кочани, www.kocani.gov.mk.