Општина Кочани, преку Програмата за заштита на животната средина, распредели еден милион и десет илјади денари за субвенционирање на печки на пелети и инвертер-клими, според мерката за намалување на продукцијата на штетни материи во воздухот кои настануваат од загревањето во домаќинствата. 

– Одобрено е сто и едно барање за субвенции за печки на пелети и за инвертер-клими. Одбиени се само шест апликации, поради тоа што инвертер-климите или печката на пелети се купени пред почетокот на важноста на субвенционирањето. Најголем интерес, од 91 граѓанин е покажан за инвертер-климатизери, а само 10 граѓани набавиле печки на пелети – информираат од Комисијата за спроведување на постапката за субвенционирање на дел од трошоците за печки на пелети и за инвертер-клими.

Вкупните буџетски средства наменети за покривање на дел од трошоците што ќе ги имаат граѓаните, првично изнесуваа 600 илјади денари, но поради покажаниот интерес,  по иницијатива на градоначалникот Николчо Илијев, Советот на Општина Кочани  интервенираше со одлука за дополнително издвојување средства за сите барања поднесени во периодот од 11 ноември до 20 декември 2019 година.

Висината на поединечната субвенција по барател односно домаќинство изнесува 10 илјади денари. Субвенционирањето се вршеше по принципот „прв дојден, прв услужен“. 

Дел од условите што требаше да бидат исполнети, се и барателите за субвенционирање за печки на пелети односно инвертер-клими да бидат жители на Кочани со платен данок на имот за станбениот објект каде што ќе биде инсталирана печката односно климатизерот, кои пак требаше да ги имаат купено во периодот на траење на јавниот повик.

Субвенционирањето на инвертер-климите и печките на пелети беше само една од повеќето мерки што ги презеде Општина Кочани за намалување на аерозагадувањето.