Раководните структури во Општина Кочани оценуваат дека тоа е резултат на законското и одговорно работење на единицата на локалната самоуправа, која во натпреварувачки дух постојано се стреми кон подобрување на пристапот на информации до јавноста. Постоењето на јасна политика за транспарентност, отчетност и пристапност на општината укажува на заложбата таа да биде во служба на граѓаните.
Индексот на отвореност, всушност ги оценува перформансите на локалната власт во областа на добро владеење со тоа што се фокусира на четири принципи: транспарентност, свесност, пристапност и интегритет, и еден заеднички домен присутен во сите четири принципи – отворените податоци.
При истражувањето на отвореноста на општините, меѓу другото се анализирани и објавените податоци поврзани со процесот на донесување одлуки, како значајна област која треба да се подобри, бидејќи со поголема пристапност до информациите за одлуките на советот и градоначалникот, навремено известување за нивната работа, граѓаните добиваат можност за вклучување во донесувањето на јавните политики на локално ниво.
Истражувањето на отвореноста ја опфаќа и финансиска транспаретност, податоците за работењето на јавните претпријатија и за работата на советите на општините.
Севкупната отвореност на единиците на локалната самоуправа дава детален приказ на сите аспекти; таа овозможува споредливост меѓу општините со цел да се поттикнат на меѓусебно учење и споделување најдобри практики; создава мотивација за постојано подобрување, усовршување и иновирање и е достапна и разбирлива за граѓаните да имаат увид во отвореноста на нивната општина, како еден од клучните критериуми за оценка на изведбата и успешноста.