Општина Кочани ќе биде домаќин на регионална конференција во рамките на проектот „Модели и алатки за зајакнување на отпорот и отпорноста на шумски пожари во природни заштитени подрачја и подрачјата што ги поврзува урбаната средина со природата – RES2FIRE“, финансиран од ЕУ- програмата Interreg IPA Adrion. Настанот ќе се одржи на 19 март 2026 година, во салата на Советот во Мултикултурниот центар во Кочани, на тема „Анализа на отпорноста на екосистемите од ширење на пожари“.
Проектот RES2FIRE се имплементира од 1.7.2024 до 30.6.2027 година, а водечки партнер е Центарот за интегрирана геоморфологија за Медитеранската област од Потенца, Италија. Партнери во проектот се организации од Грција, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Словенија и Северна Македонија. Општина Кочани е вклучена како проектен партнер, а како асоцијативни партнери се ЈП Национални шуми, како управувач на заштитеното подрачје Осоговски Планини, и Доброволното противпожарно друштво – Кочани.
Целта на проектот е да се развијат заеднички решенија, процедури и методологии за справување со ризикот од шумски пожари, со посебен фокус на заштитените подрачја. Проектот овозможува длабинско разбирање на ризикот од пожари и идентификација на екоодржливи мерки за намалување на бројот, обемот и сериозноста на штетите предизвикани од шумските пожари, како и за зголемување на отпорноста на екосистемите.
Досега се одржаа успешни конференции во Потенца – Италија, Бања Лука – Босна и Херцеговина и во Тирана – Албанија, а конференцијата во Кочани претставува продолжување на регионалната соработка и размена на знаење за намалување на ризикот од шумски пожари и приспособување на климатските промени.























