Одобрениот проект на Општина Кочани се однесува на изработка на техничка документација за реконструкција на собирниот резервоар и на главниот доводен цевковод за геотермална вода во геотермалниот систем „Геотерма“ – Кочани и е планирано да се реализира во партнерство со КЈП „Водовод“.
Преку проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти – Фаза 2“, финансиран од Шведска и Бирото за регионален развој, ќе биде финансирана изработка на потребната техничка документација за реконструкција на дистрибутивниот систем од селото Горни Подлог до ОУ „Никола Карев“ во Кочани, во должина од 7 км.
Проектот вклучува и изработка на основен проект за реконструкција на постојниот собирен резервоар за геотермална вода; изработка на техничка студија за избор на најдобро техничко решение за реконструкција на постојниот дистрибутивен цевковод за геотермална вода; утврдување на потребните количества геотермална енергија за сегашните и идните корисници; анализа за оптимизација на пумпните агрегати во Пумпната станица во Долни Подлог, како и анализа на можностите за поврзување на Градскиот базен на цевководот и планираната изградба на спа-центар и др.
Третиот повик во рамките на Фондот за техничка документација беше спроведен од страна на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.























