По покана од градоначалникот на Општинската народна влада на Вуши, Ванг Куан, делегација од Општина Кочани, составена од градоначалникот Ратко Димитровски, претседателот на Советот на Општина Кочани, Јордан Димитров и раководителот на Одделението за ИКТ и ГИС, Зоран Христов, ја посети Народна Република Кина.
Целта на посетата беше да се воспостави интензивна стопанска и аграрна соработка меѓу Кочани и Вуши, заради што на официјален прием кај градоначалникот на Вуши, Ванг Куан свечено беше потпишан Меморандумот за соработка на двете општини. Вуши е општина што се наоѓа во најразвиениот дел на Кина, на 100 км од Шангај и има 6,3 милиони жители.
Во рамките на посетата, делегацијата од Кочани оствари работна средба со Комисијата за земјоделство на Општина Вуши, на која беа презентирани капацитетите во земјоделството на двете општини со особен акцент на одгледувањето и производството на оризовата култура. Притоа се разгледаа можностите за соработка на ниво на институти со цел да се развијат хибриди за квалитетено оризово семе коешто би одговарало на поднебјето во Вуши.
Делегацијата од Кочани го посети Институтот за унапредување на производство на жито и ориз во Вуши, каде што се запозна со технологијата на напредно мониторање и контрола на параметрите и на амбиенталните услови за одгледување жито и ориз.
Во рамките на економските состаноци, делегацијата се сретна со Јао Јианхуа, претседател на Народниот конгрес на Општина Вуши и со членовите на делегацијата од Вуши, при што беше разговарано за можностите за стопанска соработка помеѓу двете општини. На одделни средби со високи претставници на компании коишто соработуваат со конзорциумот Амфенол, се разгледувани можностите и начините за пренесување на дел од нивното производство во Кочани. Нашата општина ги презентираше можностите и начините на продажба на градежно земјиште, сопственост на РМ, со коешто располага Локалната самоуправа. Исто така беа претставени капацитетите на Кочани и можностите за инвестирање во неа.
Нашата општина ја искористи можноста да ги претстави Кочани и Република Македонија на штанд на Меѓународниот саем за земјоделски и други стоки –
Вуши 2016.
Се очекува делегација од Вуши да ја посети Општина Кочани во август оваа година.