Општина Кочани објави повик за воспоставување јавно-приватно партнерство за изградба на спа-центар во градотС.

Идниот приватен инвеститор ќе треба да го проектира, финансира, управува и да го одржува овој објект што ќе се гради на локација до Градскиот базен во Кочани, на површина од 16 039 м2.

Вкупната проценета вредност на договорот изнесува 1 милион 330 илјади евра, без вклучен ДДВ. Инвестицијата во спа-центарот покрива околу 880 илјади евра од договорот, додека преостанатите средства би се вложиле во Летната дискотека „Аква“. Рокот за изградба на спа-центарот е три години, а концесионерот ќе управува со спа-центарот во период од 30 години.

Локалната самоуправа изработи физибилити студија за реализација на проектот. Овој документ покажа дека идниот концесионер би уплаќал најмалку 10 илјади евра годишно на Општина Кочани врз основа на реализацијата на оваа инвестиција.

Приватниот инвеститор ќе треба да склучи дополнителен договор со КЈП „Комуналец“ од Кочани за искористување на студената или на топлата геотермална вода за одржување во функција на спортско-рекреативниот комплекс.

Рокот за поднесување понуди е до 6 септември, до 12 ч.

Повикот е објавен на Електронскиот систем за јавни набавки во делот Концесии за јавни работи и јавни услуги.