Опозицијата во Советот на Општина Кочани ја напушти осмата седница, затоа што не беше прифатен предлогот да се расправа за Законот за јазиците, што вчера го усвои Собранието на Република Македонија.
Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Лазо Митев, побара да се дебатира за Законот со цел да се укаже на опасностите што ги носи од двојазичност на целата територија на Република Македонија.
Дел од советниците посочија дека и тие се против Законот, но истакнаа дека во оваа фаза таквата дебата нема да даде никаков придонес и дека Уставниот суд ќе го каже последниот збор. Беше нагласена и потребата од подготовка за квалитетна и квалификувана дебата.
Членот на Советот на Општина Кочани, Венко Крстевски, ја праша опозицијата зошто сега повикува на патриотизам и каде била изминативе девет години да се бори против криминалот и коруупцијата во Кочани, зашто, како што рече, таквата борба е израз на вистинскиот патриотизам.
По неизгласувањето на предлогот, опозицијата ја напушти седницата, а мнозинството работеше по 32-те точки од дневниот ред.