Општинската изборна комисија – Кочани свечено ги додели уверенијата на новоизбраниот градоначалник и на 19-мината членови на Советот на Општина Кочани.

– Со ова го заокружуваме изборниот процес и ја потврдуваме волјата на граѓаните, изразена на демократски и на транспарентен начин. На сите избрани им посакуваме успех во работата, одговорно и посветено извршување на доверените функции и многу заеднички успеси за доброто на граѓаните на Кочани – истакна Билјана Гичева, претседателка на ОИК – Кочани.

На Локалните избори 2025, Коалицијата Твоја Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 8 советнички мандати, а кандидатот Владко Грозданов го освои мандатот за градоначалник.

Групата избирачи предводена од Благица Сабовљевиќ Стоименова има 4 мандати; Коалицијата предводена од СДСМ – 3 мандати; Групата избирачи предводена од Влатко Здравков – 2 мандата; Движењето ЗНАМ – За наша Македонија освои еден советнички мандат, исто како и Групата избирачи предводена од  Аки Акиов.