Од понеделник, 1 јуни 2020 година, почнува уписот на првоодделенците. Поради здравствената криза, годинава запишувањето е одложено за 30 дена, со Уредбата со законска сила за примена на Законот на основно образование во вонредна состојба.
Уписот е задолжителен за децата кои до крајот на декември 2020 година ќе наполнат шест години, односно е задолжителен за сите деца родени во текот на 2014 година, но и за оние кои ќе пројават интерес, а се родени во текот на јануари 2015 година, по претходно барање од родителот односно старателот и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето.
Родителите се должни при уписот да достават извод од матичната книга на родените за детето, потврди за примените задолжителни вакцини за детето, офталмолошки/очен и за стоматолошки преглед, издадени од надлежна здравствена установа.
– Ги повикувам родителите на децата што треба да се запишат во прво одделение, целосно да ја почитуваат реонизацијата и своите деца да ги запишат според добиените покани од училиштата. На тој начин, покрај законските одредби, ќе се почитува и одлуката за реонизација при упис во прво одделение, донесена од Советот на Општина Кочани – повика градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев.
Врз основа на членот 60 од Законот за основно образование и членот 3-б од Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот на основно образование во вонредна состојба, основното образование е задолжително за сите деца од шест до петнаесет години, трае девет години и се организира во три периоди.
Заради запазување на мерките за спречување на ширење на пандемијата, основните училишта закажуваат термин за запишување на учениците. Уписот ќе трае до 30 јуни 2020 година.