Локалното собрание за млади на Општина Кочани, денеска во Мултикултурниот центар ја одржа конститутивната седница, на која за претседавач е избрана Христина Христова, од Општинската организација на Црвениот крст.
На конститутивната седница беше избрана и Верификациона комисија во состав: Анастасија Миткова, Иван Ѓорѓиев и Александар Арсов, чија задача е да го следи целокупниот процес при изборот на членовите на Локалниот младински совет.
Освен оваа, избрана е и комисија која до првата седница на Локалното собрание на млади има за задача да подготви Деловник за работа на Собранието. Во неа членуваат: Драгана Нисева, Иван Фимков и Симар Јусеинов.
Со формирањето на Локалното собрание за млади, продолжува постапката за основање на Локален младински совет, утврден со Законот за младинско учество и младински политики.
Задача на членовите на Локалното собрание за млади е во соработка со службеникот за млади, претставник на Општина Кочани, да распише јавен повик и да избере членови на Локалниот младински совет на Општина Кочани. Одлуката за распишување јавен повик за номинирање членови на Локалниот младински совет на Општина Кочани ќе се донесе за неколку денови на првата седница на Локалното собрание за млади.