Општина Кочани доби три милиони денари и одобрени два проектa за хортикултурно уредување на училишни дворови по јавниот повик на Владата на Република Северна Македонија за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 година.

Со цел да се намали аерозагадувањето од институциите во централното градско подрачје, наменети се средства за набавка на опрема за греење, вентилација и климатизација во Центарот за култура „Бели мугри“, а ќе се изврши озеленување на дворните површини на основните училишта „Св. Кирил и Методиј“ и „Никола Карев“.  Енергетската ефикасност ќе биде подобрена во ОУ „Малина Попиванова“ каде ќе се реконструираат кровот и фасадата на училишната зграда.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев денеска посетија дел од објектите кои се опфатени со мерките за реализација на средствата од Програмата за намалување на аерозагадувањето. При средбата со директорите, заменик-министерот лично се запозна со потребните идни интервенции за подобрување на зелените површини и енергетската ефикасност.

Распределбата на средствата од Програмата за намалување на аерозагадувањето што се реализираше преку Генералниот секретаријат на Владата, беше базирана и на  месечните извештаи од Државниот автоматски мониторинг систем во 2019 година, кој покажа дека минатата година во Кочани имало 66 денови со надмината 24-часовна гранична вредност на PM10 честичките.