Одобрен е проектот „Планински велосипедски рај“ со кој Општина Кочани аплицираше по вториот повик за предлози за инвестиции за подгрантови во инфраструктурата поврзана со туризмот до Единицата за спроведување на проектот „Локална и регионална конкурентност“ финансиран од грант од Европската Унија.

За проширување на туристичкиот потенцијал и за создавање услови за развој на авантуристичкиот туризам се наменети вкупно 30.674.272 денари, од кои 10 проценти се учество на Општина Кочани.

– Целта на проектот „Планински велосипедски рај“ е да развиеме едно уникатно планинско авантуристичко искуство. Тоа ќе се овозможи со изградба и обновување на велосипедски планински патеки, обновување на планинарскиот дом, проширување на паркингот и развој на други услуги за поддршка на овој вид туризам. Задоволни сме што го добивме овој проект поврзан со туристичката инфраструктура, затоа што се вклопува во стратешките цели на Општина Кочани – соопшти градоначалникот Николчо Илијев.

Проектот опфаќа изградба на патеки за планински велосипедизам на Осоговските Планини во вкупна должина од 35 км, на релацијата Пониква – Брана Гратче – Кочани и обновување и опремување на планинарскиот дом. Планирана е и изработка на интерактивна апликација за мобилен телефон за велосипедизам и планински велосипедизам која ќе вклучува презентација на геореферентни податоци (патеки за велосипедизам и планински велосипедизам, за планинско пешачење, природни и културни локации, туристички агенции и сл.) на  јавно достапните мобилни карти.

Според повеќе велосипедски, планинарски и рекреативни здруженија, Осоговските Планини поседуваат одлични услови за авантуристички туризам и се чест избор за организирање на велофестивали и слични други настани. Реализацијата на овој проект ќе ги подобри условите за развој на туризмот и туристичката понуда на Осогово.