Неправилното паркирање е причина за голем број сообраќајни незгоди во кои страдаат децата, пешаците и велосипедистите. Со цел да даде придонес во сообраќајната едукација и да потсети на почитување на сообраќајните правила и прописи, Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата – Кочани во соработка со Општина Кочани изведе активност под мотото „Одговорно и совесно паркирање“.

Ученици од сообраќајната струка од СОУ „Гошо Викентиев“ и претставници на Полициската станица – Кочани дистрибуираа летоци во чија содржина беа истакнати забранетите локации за паркирање и опасностите што произлегуваат од непрописно паркираните возила.

Исто така, возачите на моторни возила со летоци беа советувани да не го користат мобилниот телефон додека го управуваат возилото.

Со оваа акција Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и Општина Кочани повикаа на поголема грижа за безбедноста на децата, пешаците, велосипедистите, лицата со посебни потреби и на другите учесници во сообраќајот.