Во пресрет на продолжениот празничен викенд, а поради зголемената раздвиженост во градот и околните места, по иницијатива на градоначалникот Николчо Илијев, а во присуство на претседателот на Советот на Општина Кочани, Томе Солевски, се одржа средба со претставници на неколку институции.

На средбата, одговорните од Полициската станица од општа надлежност, Надворешната канцеларија на СВР Штип, Основното јавно обвинителство, Основниот суд – Кочани и   Даночното одделение при Управата за јавни приходи ги посочија своите надлежности во чии рамки се одвиваат законски пропишаните активности и мерки што се преземаат.

Градоначалникот Илијев даде силна поддршка на сите институции во насока на професионално и независно извршување на работата.

– Ние сме должни да се ставиме на располагање на граѓаните. Вие ја имате моралната поддршка за навремено решавање на проблемите и одговорно и законски, проблемите да се решаваат институционално. На тој начин ќе придонесеме граѓаните да се чувствуваат безбедно и сигурно – повика Илијев.

Градоначалникот побара зголемена одговорност кај сите учесници во сообраќајот, илустрирајќи дека според расположливите податоци од извршените сообраќајни контроли, над 30 проценти од возачите се во алкохолизирана состојба, а 20 проценти возат без возачка дозвола.   

На крајот, градоначалникот упати апел за совесно и одговорно однесување и од страна на граѓаните.