Одбележувањето на Петровден, Празникот на градот Кочани, беше главна точка на средбата на градоначалникот Николчо Илијев со координаторите на советничките групи во Советот на Општина Кочани.
– Здравјето на граѓаните е пред сè. Затоа, со оглед на целокупната состојба со здравствената криза, ризик е да се организираат собири и празнувања што ќе придонесат за масовно групирање на граѓаните. Сметам дека не е препорачливо и безбедно, па оттука сакам да размениме мислења за предлогот, оваа година Петровден да го одбележиме скромно и достоинствено, а содржините кои традиционално се дел од програмата „Петровденски конаци“ да ги надоместиме во побезбедни и посигурни услови – предложи градоначалникот Илијев.
Советниците беа единствени во поддршката на ставот на градоначалникот. Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Лазо Митев го образложи своето мислење дека здравствената криза не е надмината, а токму непочитувањето на мерките за заштита од ширење на коронавирусот придонесуваат за нејзино продлабочување.
– Важно е ние да постапиме исправно и законски и етички, наше е да препорачаме и да побараме совесно однесување од граѓаните. Не ми се допаѓа тоа што секојдневно го гледам, граѓаните се шетаат без заштитна опрема, не почитуваат растојание, се групираат. Ние не треба да иницираме настани коишто уште повеќе ќе го нарушат јавното здравје – истакна Митев.
Коментирајќи ја потребата од друг вид културни дејности, советникот Венко Крстевски истакна дека во овој период акцент треба да се даде на творците и содржините кои работат индивидуално и на формите што не бараат масовност.
Илијев најави дека во наредниот период е обезбедена реализација на ликовни проекти, а предложи Советот дополнително да решава за измени на Програмата за култура и осмислување нови содржини во услови на КОВИД-19.