По повод Денот на лицата со попреченост, градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов го посети Дневниот центар на лица со попреченост и специјалната паралелка во ОУ „Малина Попиванова“ во Кочани.

– Денес сакаме да ја изразиме нашата поддршка на лицата со попреченост за што поделивме подароци и во Дневниот центар и во паралелката која е во состав на ОУ „Малина Попиванова“. Не само на овој ден и на овој начин, Општина Кочани ќе прави напори за суштинска, редовна и квалитетна поддршка на овие лица. И Центарот и училиштето извршуваат една благородна и хумана работа, која е за поздравување, која бара посветеност и поддршка од сите аспекти. Во оваа прилика сакам да истакнам дека Општина Кочани е вклучена во проект во надлежност на ЗЕЛС финансиран од меѓународни средства во делот на мапирањето на категориите на лица со попреченост. Со овој проект ќе учествуваме на сите обуки, ќе ги искористиме сите можности кои ги нуди проектот, за да обезбедиме поквалитетни животни услови за ваквите категории и  тие ќе ја имаат целата наша поддршка – изјави при посетата градоначалникот Љупчо Папазов.

Дневниот центар функционира за лица со умерена и тешка попреченост и, според информациите на директорот на Центарот за социјални работи Кирил Ковачев, таму се згрижени осум деца,  а во моментот Центарот го посетуваат четири деца. Во ОУ „Малина Попиванова“ наставата е ораганизирана во три паралелки за девет ученици со лесни и комбинирани пречки во развојот.

По повод одбележување на Денот на лицата со попреченост, ОУ „Малина Попиванова“ организираше ликовен и литературен конкурс.

– За овие лица треба да се грижиме секој ден и да помагаме, заедно со општината, со вработените во училиштето. Да ги инклузираме во општеството и секогаш да бидеме во нивна служба и корист за успешно вклучување во целокупниот живот во општеството –  истакна Благој Петров, директор на ОУ „Малина Попиванова“.

Општина Кочани преку Програмата за социјална, детска и здравствена заштита ги поддржува лицата со попреченост во превоз, помош во реализација на одредени настани, посети и патувања и сл.