Основното училиште „Малина Попиванова“ денеска го одбележа патрониот празник и 119-годишнината од раѓањето на кочанската револуционерка.
Согласно новите рестрикции поврзани со актуелната состојба со пандемијата, а според насоките за одржување настани, чествувањето на името и делото на Попиванова беше симболично.
Градоначалникот Николчо Илијев со претставници од Општината Кочани и делегација од училиштето со директорот Благој Петров оддадоа почит на Малина Попиванова положувајќи свежо цвеќе на бистата во училишниот двор.
Во чест на патрониот празник училиштето организираше литературен и ликовен конкурс на тема „Животот и делото на Малина Попиванова“. Најуспешните творби беа изложени на паноа на влезот на училишната зграда.
Меѓу двата празника, ОУ „Малина Попиванова“ бележи реализација на неколку крупни проекти: уредување на училишниот двор со изградба на детско, спортско и игралиште за учениците со посебни образовни потреби; потоа проект за нова фасадна изолација за подобра енергетска ефикасност, а во 15 училници се поставени уреди за климатизација.