По повод Меѓународниот ден на литературата за деца, 2 Април, Библиотеката „Искра“ од Кочани, го реализираше проектот под наслов „Славење на меѓународниот ден на литературата за деца“.
Во просториите на „Искра“ се одржа средба на ученици со авторката Билјана С. Црвенковска и креативна ликовна работилница на илустраторката Катерина Николовска со талентирани деца од основните и средните училишта во Кочани.
По повод Денот на литераурата за деца, во „Искра“ гостуваше писателот Александар Поповски – добитник на наградата „Ванчо Николески“ за 2016 г.
– Целта на овие активности е афирмација на книгата и нејзино приближување до децата – соопшти Магдалена Кочовска Салтирова, координаторка на проектот.
Во салата на Мултикултурниот центар во Кочани се одржа Фестивал на децата, книгите и музиката, а беше отворен и продажен штанд на книгите за деца на издавачката куќа „Арс ламина“ од Скопје.
Годинава одбележувањето на Денот на литературата за деца е под мотото „Ајде да растеме со книгите“, а меѓународен покровител е Русија. Активностите во Кочани беа удостоени со присуството на Владимир Тучанков, аташе за култура во Амбасадата на Руската Федерација во Македонија.
Библиотеката „Искра“ го одбележува Меѓународниот ден на литературата за деца по шести пат, а првпат активностите се поддржани од Министерството за култура.