Основното музичко училиште во Кочани ја одбележа 92-годишнината од раѓањето на својот патрон и основач, Ристо Јуруков. Кочанското, како едно од најстарите музички училишта во државава, по тој повод приреди концерт на кој настапија солисти, хорот и училишниот оркестар.
– Наставниот кадар и учениците во оваа образовна институција, во Јуруков гледаат водилка во образувањето и културното надградување. Тој во 1956 година почетно го екипирал наставниот кадар, обезбедил инструменти, ученици, а со неговото пошироко дејствување ги поставил темелите на музичката култура и уметност во Кочани. Ние сме благодарни што денес сме училиште-расадник на музички таленти – вели Јованка Милојевиќ, директорка на Музичкото училиште.
На патроното празнување, за ученик на генерацијата беше прогласена Јована Крстовска, а награди за истакнати ученици добија Ана Јорданова и Михаил Митев.
Концертот заврши со настапот на виолина на ученикот Иван Милосов, кој неодамна свиреше со Националната филхармонија.