Со народен собир кај месноста Свиланово, каде во 1905 година херојски загина претседателот на Крушевска република, Никола Карев, беше одбележана 110-годишнината од неговата смрт.

Градоначалниците на Кочани, Пробиштип, Чешиново-Облешево, Македонска Каменица и Крушево, потомоци на Карев, ученици и граѓани положија свежо цвеќе на спомениците во кочанското село Тркање и во Свиланово.

– Горди сме на херојското дело на Карев и споменот за него го чуваме во нашите семејства. Првпат сме на местото каде што загинал нашиот дедо, изјавија Петар и Борис Кареви, внуци на Никола Карев.

За животот и делото на македонскиот револуционер и учител говореше крушевчанецот Кочо Топузовски, а стихови посветени на Никола Карев читаа ученици од основните училишта „Никола Карев“ од Кочани и од Крушево.

Во чест на Карев, секцијата „Географски видик“ од ОУ „Никола Карев“ од Кочани и членови на Планинарското спортско друштво „Осогово“ пеш ја минаа релацијата Кочани-Свиланово-Кочани.

Градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски најави дека заедно со општините Пробиштип и Чешиново-Облешево ќе градат спомен-парк во чест на Никола Карев кој ќе биде излетничко и туристичко место.