Градоначалниците на Кочани, Пробиштип, Чешиново-Облешево, Македонска Каменица и Крушево, потомоци на Карев, ученици и граѓани положија свежо цвеќе на спомениците во кочанското село Тркање и во Свиланово.
– Горди сме на херојското дело на Карев и споменот за него го чуваме во нашите семејства. Првпат сме на местото каде што загинал нашиот дедо, изјавија Петар и Борис Кареви, внуци на Никола Карев.
За животот и делото на македонскиот револуционер и учител говореше крушевчанецот Кочо Топузовски, а стихови посветени на Никола Карев читаа ученици од основните училишта „Никола Карев“ од Кочани и од Крушево.
Во чест на Карев, секцијата „Географски видик“ од ОУ „Никола Карев“ од Кочани и членови на Планинарското спортско друштво „Осогово“ пеш ја минаа релацијата Кочани-Свиланово-Кочани.
Градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски најави дека заедно со општините Пробиштип и Чешиново-Облешево ќе градат спомен-парк во чест на Никола Карев кој ќе биде излетничко и туристичко место.