На 56-тата седница на Советот на Општина Кочани, градоначалникот Ратко Димитровски го одржа своето традиционално предновогодишно обраќање, во кое беа сумирани резултатите во изминативе два мандата од неговото работење.
– Една од главните задачи беше асфалтирањето на улици и патишта. Асфалтиравме и во градот и во населените места. Поставивме бехатон на тротоари на површина од околу 11 илјади м2. Изградивме потпорни ѕидови во должина од над 3,5 км и поставивме заштитни огради на критични места во должина од околу 9 км, рече во обраќањето градоначалникот Димитровски.
Тој додаде дека приходите од отуѓување на градежно земјиште, сопственост на Република Македонија од 2011 – 2016 година изнесуваат 75 милиони 100 илјади денари, средства кои се вложуваат во подобрување на инфраструктурата. Посебен акцент стави на проектот за изградба на пречистителна станица и колектор за отпадни води – швајцарска донација во Република Македонија во висина од 21 милион швајцарски франци, на изградбата на атмосферската канализација и на реновирањето и модернизацијата на системот за улично осветлување.
Анализирајќи ја економската слика на Кочани, Димитровски го истакна задоволството што Општината создаде услови за добар локален економски развој.
– Донесовме неколку инвестиции: холандската современа лабораторија за украсни цвеќиња „Антура“ која се проширува со нов погон за 300 нови вработувања; компанијата за производство на кабли за автомобилската индустрија и антенски структури за базните станици за мобилна телефонија – „Амфенол“ веќе има 1200 вработувања. Тука се и новите инвестиции: „Руен инокс аутомобиле“, „Левидиагро“, „Вима фешн“, „Хипотерм“, „Гирлофс“, „Унитрејд 2002“, „Нидо ГТ“, „Лукоил“, „Тинекс“, кои сите заедно веќе вработуваат над 1 200 сограѓани, рече Димитровски.
На крајот Димитровски ги издвои приоритетите за наредниот период од 4 години: изградбата на експресниот пат Три Чешми – Кочани, завршувањето на проектот Пречистителна станица за отпадни води, изградбата на браната Речани, инвестирањето на Пониква и создавањето услови за зголемување на вработеноста со паралелно зголемување на платите на вработените.