На свечената седница на Советот на Општина Кочани што се одржа по повод 7 Септември – Денот на ослободувањето на Кочани, градоначалникот Николчо Илијев имаше обраќање во кое беа истакнати постигнувањата во изминатите две години од неговиот мандат.  

– Во овој период Кочани доби огромна поддршка од Владата, Швајцарската Конфедерација и од граѓанскиот сектор. Завршена е Пречистителната станица за отпадни води, добивме средства од Министерството за труд и социјална политика за изградба на нова детска градинка по најсовремени стандарди; функционален Дневен центар за лица со попреченост, подобрени здравствено-социјални услуги преку Мобилниот сервис домашна посета, Центар за ран детски развој во Тркање. Кочани е чекор поблиску до реализација на проектот за изградба на Старечки дом за потребите на лицата од третата доба. Одобрени се средства од Владата за почеток на изградбата на станбениот комплекс за домување на лицата од Старата касарна; реконструирана е надворешноста на Центарот за култура „Бели мугри“ и најавени се средства за негова внатрешна реконструкција. Обезбедивме средства од Програмата за прекугранична соработка за реконструкција и адаптација на зградата на Мултикултурниот центар или поранешното Старо кино во Кочани. Во функција на развојот на туризмот на Осоговските Планини, се реконструирани 11 км од регионалниот пат Пониква – Кочани; започнати се истражувања за изградба на брана во месноста Арамиска Чешма за решавање на водоснабдувањето на Пониква; обезбедени  се средства за реконструкција на ски-лифотвите; отворен е Туристички-инфоцентар на Пониква. Добиен е проектот „Планински велосипедски рај“, донација од Светска банка, кој ќе помогне за забрзување на туристичкиот развојот на Пониква, што е една од стратегиските цели на локалната самоуправа – истакна Илијев.

Според градоначалникот, дневно-политичките препукувања, лажните вести, дезинформациите и теснопартиските интереси му носат загуба на Кочани.

– И покрај сè, реализиравме многу. За половина година целосно ја реализиравме Програмата за капитални инвестиции. Вклучивме и реконструкција на Трговскиот центар, која почнува наскоро. Веќе е подготвено и новото идејно решение на Градскиот парк. Централното градско јадро на Кочани ќе добив нов, урбан изглед. Ја завршуваме експропријацијата на „Ленинова“ („Стево Теодосиевски“). По отстранувањето на старите градби на овој потег, следува пробив на втората лента од булеварот. Планирани се кружни текови кои ќе ја подобрат сообраќајната циркулација. Во тек се јавни набавки за изградба и реконструкција на 22 улици со пресметковна вредност од 150 милиони денари средства обезбедени надвор од основниот буџет. Овој износ одговара на средствата од основниот буџет издвојувани за улици за повеќе од четири години. Како никогаш досега, ги добивме сите аплицирани проекти од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и од Бирото за регионален развој за нови локални патишта и можност да одговориме максимално на потребите на жителите и од руралниот дел во Кочанско – потсети градоначалникот во своето обраќање.

На крајот, Илијев им ги честита на граѓаните двата празника, 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани и 8 Септември, Денот на независноста на Македонија и посака уште подинамичен развој и перспективна иднина.