По реакциите на дел од граѓаните за програмските содржини по повод претстојниот Празник на градот – Петровден, в. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски упати писмено обраќање до јавноста.
Драги сограѓани,
Сите ја носиме болката од несреќата што нè погоди.
Но, време е да се собереме и не бегаме еден од друг!
По разговори со психолози, експерти за трауми и социјални работници, па и со луѓе од Шведска што поминале низ слична тага, нивните препораки се: дружбата, но и музиката ни се потребни за да заздравиме.
Не зборуваме тука за големи забави, туку за моменти кога можеме заедно да слушаме музика, да се видиме со семејството и со пријателите што ретко ги среќаваме, да си дадеме сила еден на друг.
Младите се нашето утре. Им треба простор да зборуваат и да не се чувствуваат сами, но и немаме опција да дозволиме нивна дружба по другите градови и небезбедно враќање од таму.
Ова не значи дека го забораваме минатото – туку дека ја прифаќаме болката и пробуваме да се бориме со неа заедно!
Нашите мали бизниси во Кочани едвај врзуваат крај со крај. Нашите порти треба да ги отвориме за соседните градови и сите оние кои беа навикнати да пазаруваат овде и да ги поддржат нашите ресторани, мали и средни претпријатија. Секој настан, секоја средба е шанса да им помогнеме, но и да им дадеме сигнал на сите дека ПОРТИТЕ на КОЧАНИ се отворени.
За сите што сакаме да им оддадеме почит на тие што ги изгубивме, имаме комеморација в сабота и Планинарски петровденски марш в недела, за да покажеме дека сме заедно во големата загуба.
Да ги отвориме вратите на наше Кочани, да се собереме и да си дадеме поддршка! За нашите луѓе, за нашите млади, за нашиот град – заедно сме посилни!
Венко Крстевски
в. д. Градоначалник
на Општина Кочани