Во рамките на проектот за санација на Споменикот на слободата во Кочани, во тек се активностите за поставување комплетно ново осветлување.
Изведувач на работите е „Електрика“ од Кочани, која деновиве врши ископ, вградување на инсталацијата и бетонирање на фундаментите за светлосните столбови.
Споменикот на слободата ќе биде осветлен со вкупно 22 лед-светлосни арматури, рефлектори и декоративно парковско осветлување. Светилките се штедливи, со 60-70 % заштеда на електричната енергија. Споменикот ќе биде опколен со светилки и од внатрешната и од надворешната страна, ќе има осветлување на мозаичните фризови, а планирано е и електрично напојување за техничка опрема, со цел просторот да се користи за културно-забавни настани.
Според економскиот оператор, досега се поставени шесте електрични столба покрај пристапната патека кон Споменикот, а работите ќе завршат до Петровден, кога се очекува на оваа локација да се одржат неколку настани од празничната програма на Општина Кочани.
Проектот за реконструкција и реставрација на Споменикот на слободата се реализира со финансиска поддршка од Амбасадата на САД, преку грант од амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство.