Двесте и осумдесет медицински униформи во вредност од околу 600 илјади денари добија вработените во Општа болница – Кочани како донација од бизнис-секторот.
Се работи за современа заштитна облека според европски стандарди што потврдувајќи ја својата општествена одговорност ја обезбедија три фирми, позитивно одговарајќи на иницијативата на градоначалникот Илијев, да му се помогне на кочанското здравство.
– Реализираме една донација со вкупно 280 униформи за целокупниот персонал на Општа болница. Главниот донатор е австриската фирма „Албиро“ од Австрија, специјализирана во производството на вакви униформи што се користат насекаде во Европа, што значи дека тие се со европски стандард и квалитет. Другиот дел од донацијата го реализираа фирмите „Филип интернационал“ и „ИНТ“, кои помогнаа целата оваа акција да биде успешно спроведена – изјави градоначалникот Николчо Илијев.
Директорката на Општа болница, Борка Панова истакна дека добиената заштитна облека е повеќе од добредојдена, заблагодарувајќи се на огромната поддршка од градоначалникот и стопанствениците.
– Со оваа донација сите вработени практично имаат униформи според сите стандарди што се пропишуваат во здравството – истакна д-р Панова.
Градоначалникот Илијев ги повика и другите фирми во Кочани и регионот да се вклучат во поддршка на кочанското здравство, најавувајќи за наредниот период нова донација од медицинска опрема и апарати.