Во завршна фаза е постапката за избор на изведувачи за изградба и реконструкција на  делови од локалната сообраќајна инфраструктура. По завршувањето на административната процедура ќе почнат работите за изградба на тротоар на „Страшо Ербапче“ до влезот на селото Бели. Со цел да се обезбеди уредена пешачка зона, оваа фреквентна релација во должина од 908 м ќе биде осветлена. На трасата е планирано  јавно осветлување, за што ќе се вградат 23 светлосни ЛЕД-арматури.

Наскоро ќе почне уредувањето на крак од улицата „Роза Петрова“ со паркиралиште, во непосредна близина на станбениот комплекс во населбата Калиманова Глава. Земјениот дел опфатен со проектот е од северната страна на зградите, со површина од 3 илјади квадратни метри, со што ќе се олесни пристапот и ќе се добие поголема површина за паркирање.

Реконструкција претстои и на дел од улицата „Иван Иванов-Балашо“. Кракот е во должина од 800 метри, со паркиралиште пред зградата за колективно домување. На двете локации градежните работи ќе ги изведува „Енергоинвест трејд“. За овие две улици се наменети близу 8 милиони и 300 илјади денари од општинскиот буџет.

Според Програмата за уредување на градежното земјиште за оваа година, во Оризари ќе се асфалтира улицата „Царка Ѓорѓиева“, во должина од 450 м, којашто ги поврзува неодамна асфалтираните краци од „АСНОМ“ и „Ангел Донев“.