Библиотеката „Искра“ ќе го смени надворешниот изглед. Во тек е огласот за јавна набавка за реновирање на фасадата на оваа јавна општинска установа во Кочани.
Според тендерската документација, станува збор за делива јавна набавкa, со која во првиот дел се бара изведувач на градежни и електроинсталатерски работи, согласно проектот за реновирање на фасадата, а со вториот дел – изведувач на градежно-занаетчиски и електроинсталатерски работи, согласно проектот за реновирање простории на библиотеката „Искра“.
Во внатрешноста на зградата ќе се постави осветлување со штедливи светилки, ќе се изведат молерофарбарски и подополагачки работи, што значи замена на постојниот паркет со епоксиден саморазливен под.
Зградата ќе добие структурална висечка фасада од алуминиумски профили, а планирано е застаклување со четирисезонско огноотпорно термопан стакло. Исто застаклување ќе биде поставено и на влезната врата на објектот. Од јужната страна на објектот ќе биде бетонирана заштитна патека.
– Реновирањето на фасадата на библиотеката дојде следствено по реконструкцијата на Мултикултурниот центар, со што објектот ќе претставува една целина со сосема нов, модерен изглед – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Јавното отворање на понудите е утврдено за 15 јануари 2021 во 11 часот. Целата постапка се спроведува електронски, со е-аукција, посебно за двата дела.