Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев на првиот работен ден во Новата 2020 година се сретна со одговорните во службите кои имаа задача да се грижат за редот и безбедноста и за време на празниците.
На средбата со командирот на кочанската Полициска станица Горанчо Јакимовски беше истакнато дека дочекот и првите денови во Новата година поминале главно без инциденти на подрачјето на Кочани, а сообраќајна фреквенција беше регулирана и продолжува да се одржува со зголемени сообраќајни патроли.
За среќа, мирна ноќ без интервенции имале и дежурните служби во Територијалната противпожарна единица во Кочани. Градоначалникот Илијев на средбата со командирот Благојчо Паунов потсети дека оваа година Единицата ќе добие ново теренско возило коешто ќе биде набавено со средства од општинскиот буџет. Исто така, поучени од ланските големи шумски пожари, годинава ќе се разгледува правната рамка за формирање доброволно противпожарно друштво во Кочани коешто ќе биде поддршка на професионалните пожарникари.
При средбата со директорот на КЈП „Водовод“ Андреј Киров градоначалникот Илијев беше информиран дека немало прекин во испораката на комуналните услуги и во одржувањето на комуналниот ред од „Водовод“. Едновремено се дискутираа новините во селектирањето на отпадот и подновување на урбаната опрема во градот.