В недела,  24 август 2025 година, Планинарскиот спортски клуб „Осогово“ од Кочани, во соработка со Општина Кочани, го организира третиот Меморијален планинарски марш „Стамен Каровски“, во сеќавање на својот починат член, планинар и другар.

Учесниците на маршот ќе се искачат на врвот Панаѓур во близина на Пониква, на Осоговските Планини, на 1669 метри надморска висина.

Маршот ќе започне од паркингот на туристичкиот локалитет Пониква. Учесниците ќе се движат по маркирана планинарска патека, која во најголем дел минува низ букова шума.

Последните 500 метри до врвот движењето е по пасиште. Должината на патеката е 9 км, таа е кружна и е од лесен карактер.

Организаторите препорачуваат секој учесник да носи планинарски обувки со тврд ѓон, облека според најавата за временска прогноза, очила за сонце, капа/шешир, кабаница, крем за заштита од сонце, планинарски стапчиња и прибор за заедничкиот ручек.

Заради организациски потреби пријавувањето за маршот е најдоцна до петок, 22 август 2025 година. Контакт телефон: 078 270 724 – Тошо Антов.

Програма:

8 ч. – Поаѓање од градскиот парк во Кочани со организиран и со сопствен превоз

9 ч. – Старт на маршот од Пониква

11 ч. – Пристигнување на врвот Панаѓур

12 ч. – Поаѓање назад

14 ч. – Пристигнување на Пониква и заеднички ручек

14:30 ч. – Доделување благодарници