Друштвото за спорт и рекреација „Прв до врв“, во соработка со велосипедската група МТБ „Исток“ од Кочани и спортски ентузијасти од Осоговието, на 1 и 2 јуни го организираат третото издание на планинската велосипедска тура на Осоговските Планини, овој пат содржински проширена во дводневен планински фестивал  „Осоговска авантура“ – Osogovo Adventure.

– Овој велосипедско-планинарски фестивал е составен од тури за планинари и планински велосипедисти со старт и база на Пониква, на Осоговските Планини. За учесниците во секоја од категориите се предвидени лесна и потешка тура, согласно физичката подготвеност на поединците. Покрај турите, учесниците имаат можност да кампуваат, да бидат дел од забавната музичко-фолклорна програма и да ги пробаат локалните рецепти за подготвување на храната – најавува Панче Зафиров од МТБ „Исток“.

Според организаторите, планинските тури се наменети на растечката заедница рекреативци кои спортуваат со планински велосипеди, со цел да им се доближат природните убавини на Осоговието и потенцијалите за планински спортови во овој крај.

Настанот има и дополнителна цел да ги разбуди туристичките потенцијали на овој крај, кој би можел во поголемиот дел од годината да биде домаќин на љубителите на активниот одмор и туризам.

Велосипедско-планинарскиот фестивал „Осоговска авантура“ се реализира со финансиска поддршка од Општина Кочани.