Во петокот,  на 27 септември 2019 г., во холот на ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Кочани се одржа третата сесија од Форумот во заедницата, како дел од активностите во рамките на проектот на УНДП – „Зајакнување на општинските совети“.

На сесијата беа презентирани разработените предлог-проекти кои произлегоа од предлозите на учесниците на форумот на претходните сесии: формирање социјален клуб, реконструкција на кров на објект од Детската градинка „Павлина Велјанова“, дигитализација на библиотечниот фонд во ЈОУБ „Искра“ и за изградба на забавно-рекреативен центар во кругот на ОУ „Малина Попиванова“.

Од формални причини, поради недостиг на основен проект за реконструкција на кров на објектот „Бамби“, од натамошно учество во Форумот во заедницата беше повлечен проектот на Детската градинка „Павлина Велјанова“.

Од предложените предлог-проекти, оние што ќе ги исполнат критериумите за проекти, во понатамошниот форумски процес ќе бидат внесени на листата за гласање за приоритетни проекти што ќе бидат финансирани од проектниот фонд од 50.000 швајцарски франци обезбедени од страна на Швајцарска агенција за развој и соработка (SDC) – Швајцарска амбасада.

Градоначалникот Николчо Илијев, кој го поздрави Форумот, истакна дека присуството на жителите, здруженијата на граѓани и претставниците  на  институциите, како и нивното активно учество на сесиите ќе даде голем придонес и ќе биде од особено значење за успешно спроведување на проектниот форум и изборот на проекти,  предложени и поддржани од жителите на Кочани.

Терминот за следната форумска сесија на која ќе се гласа, дополнително ќе биде одреден и најавен.