– Со последната објава за продажба на градежно земјиште, сопственост на Република Македонија, Општина Кочани нуди за отуѓување 14 парцели за индивидуално домување, 7 парцели за викенд куќи на Пониква и 3 за индустриски објекти – соопшти на средба со новинарите, секретарот на Општина Кочани, Петар Апостолов.
– Минатата објава покажа голем интерес за плацевите на Пониква, и тоа од граѓани од различни краеви на државава. Затоа потсетуваме дека и со оваа објава нудиме атрактивни парцели на Пониква, а рокот за поднесување на потребната документација за учество во јавното наддавање е до 20 јануари. Овој рок се однесува и за плацевите за индивидуално домување коишто се на локации во Прокарка, Драчевик и Оризари, додаде Апостолов.
Рокот за пријавување за плацевите за индустриски објекти, коишто се нудат во Лесна индустрија, Белски Дол и во Ќерамидница, е до 30 јануари.
Почетната цена е 61 денар за метар квадратен, освен за две градежни парцели за индустриски објекти, за кои е 563 денари за метар квадратен.
Секретарот на Општина Кочани ги повика заинтересираните да ја искористат понудата на градежно земјиште од најновата објава што ја распиша Општина Кочани.