Со велосипедската тура „По патеката на оризот“, Општина Кочани го одбележа 22 Септември, Меѓународниот ден без автомобили. На релацијата: Кочани – Долни Подлог – Мојанци – Грдовци – Кочани, долга 15-ина километри, учествуваа стотина граѓани: велосипедисти, рекреативци, членови на спортски и велосипедски здруженија.
– Од денешното одбележување на Европската недела на мобилност и на Меѓународниот ден без автомобили испраќаме порака за што помалку користење на автомобили, така го намалуваме загадувањето на воздухот, ја намалуваме бучавата во населените места. Нашите заложби се што повеќе пешачки и велосипедски зони и што повеќе безбеден простор за превозните средства што не ја задуваат животната средина – соопштија од Општина Кочани.
Велосипедистите имаа можност да одморат во Грдовци, каде во организација на месната заедница беше приредена закуска, а едновремено учесниците имаа можност да разменат мислења со претставниците од Општина Кочани за подобрување на инфраструктурата во корист на урбаната мобилност и намалувањето на аерозагадувањето.
Велосипедската тура „По патеката на оризот“ почна да се реализира од лани по иницијатива на градоначалникот Николчо Илијев. На нејзиното прво издание учетсвуваа и видни претставници од дипломатијата кои изминатиов период дадоа исклучителен придонес во заштитата на животната средина во Кочани и во регионот.