Со настап на уметници, актери и музичари, во форма на дваесетминутна радиоемисија посветена на културата, во програмата на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани беше претставена книгата „Радио“ на новинарот Љупчо Јолевски.
– „Радио“ ја чинат повеќе од 730 страници и речиси исто толку фотографии и илустрации. Таа е сублимат на мојата новинарска работа во изминатава половина декада со избор на текстови пишувани и објавени на Радио Слободна Европа, програма на македонски јазик. Таа е мое видување на македонската култура и во неа се внесени мислите и ставовите на многу познати и значајни уметници и творци, со намера културата, која е речиси набркана од медиумите, да понуди барем ронка од она со кое треба само да се гордееме – рече Јолевски.
Издвојувајќи фрагменти од рецензиите за книгата, актерот Игор Трпчевски нагласи дека според музикологот Марко Коловски, книгата е вистински пресек на македонската духовна култура, со која во еден здив можат да се проследат духовните вибрации од овие простори кои се разлевале низ светот.