Реконструкцијата на зградата на Мултикултурниот центар е во полн ек. Дел од активностите се одвиваат на приземниот дел од северната страна на објектот, каде се работи на хидроизолација, поради што се направени ископи до нивото на темелите.
Се поставува комплетно нов водовод, канализација и електрична инсталација, а објектот ќе добие ПВЦ-врати и прозорци, термичка фасада, нови подови и осветлување, сигурносна и видеоопрема, противпожарна и громобранска инсталација. Изминатиов период е променета кровната конструкција, во внатрешноста се отстранети старите слоеви на ѕидовите и се изградени нови тоалети.
Со реализацијата на овој проект Кочани ќе добие современи простории, на кои културните дејци и публика чекаат со децении.
– Поранешното Старо кино во Кочани, кое во 2002 година беше реконструирано во Мултикултурен центар со мала сцена, сега се подготвува да биде простор наменет за младите творци и креативци, но и простор каде ќе се изложат предмети од културно-историско значење поврзани со значајни личности и настани од локалното поднебје. Реконструкцијата и адаптацијата на овој објект доаѓаат во вистинско време и се надеваме дека овој младински центар ќе создаде можност за многу нови бизнис-идеи, по примерот на европските искуства – соопшти градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев.
Реконструкцијата на Мултикултурниот центар е во рамките на реализацијата на проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“, каде водечки партнер е Центарот за развој на Источниот плански регион, заедно со Општина Гоце Делчев од Бугарија, која се јавува како втор проектен партнер.
Проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“ е финансиран од ЕУ, во рамките на вториот повик на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија.